
Пороен дожд, засилен ветер, грмежи и појава на град попладнево имаше во повеќе делови од земјата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) велат дека попладнево интензивни врнежи има западно од Скопје, кон Тетово и Гостивар, во регионот на Македонски Брод и Кичево, југозападно од Тополчани, како и во Кривопаланечкиот Регион.
Според УХМР, забележани се области со интензивни врнежи западно од Скопје, кон Тетово и Гостивар, што, како што велат, укажува на присуство на активна конвективна облачност со силен дожд, а можеби и град.
Невремето што го зафати Тетово остави паднати дрва и поплавени улици и патишта.
Од Територијалната противпожарна единица Тетово информираат дека нивни екипи интервенирале на патот Бродец-Шипковица кој е непрооден поради наноси од земја и вода.
Од силниот ветер, пак, имало паднато дрво на улицата „Бане Стефановски“ кое оштетило неколку возила, а дрво паднало и во кругот на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Радарската слика, велат од УХМР, покажува активна атмосферска ситуација над западниот и централниот дел на Македонија, со присуство на силни врнежи, грмежи и наместа можна појава на град.