Исчистен е патот, кој води до ски центарот Пониква. Раководителот на регионалната подружница на ЈП „Македонијапат“-Штип, Тони Лазаров за МИА вели дека денеска било побарано дополнително нивно возило за асистенција и безбеден транспорт на деца со автобус, кои биле на планината Пониква.
Повикот го добиле во 11 часот, а веќе во 11.30 часот механизација на ЈП „Македонијапат“ го расчистувала патот, а по него се движел автобусот во придружба со полиција. Децата од планината Пониква се симнати безбедно и се веќе во своите домови. Овој пат се чисти со две возила на ЈП „Македонијапат“.
Лазаров за МИА вели дека 12 нивни возила интензивно ги расчистуваат патиштата до граничните премини со Бугарија, кај Делчево и Ново Село, како и експресните патишта Штип-Кочани, Штип, Радовиш и регионалните и магистралните патишта кои водат до Берово, Струмица, Сарамзалино кон Велес и автопатот „Гоце Делчев“ односно Штип – Свети Николе до селото Коњари.
Пред неколку години ja имаме подновена механизација и возилата кои ги расчиствуваат патиштата во источниот и југоисточниот регион се во стабилна состојба, вели Лазаров.
Според неговите проценки од синоќа, по полноќ, кога почнаа интензивно снежните врнежи на патиштата, за кои тие се надлежни се исфрлени над 200 кубика песок и до 400 тони сол. Тој истакна дека екипите се постојано на терен, а на возачите им апелира внимателно да возат и со прилагодена брзина, бидејќи постојано паѓа снегот на коловозите.