
Д-р Ненад Лазаров уште еднаш повика да се помогне на семејството од Драчево, во кое неодамна таткото претепа една од неговите три ќерки, на возраст од 4 години.
Ова е крик за помош, Ве молам донирајте кој колку може!
Однапред се извинувам за тоа што овој пост ќе ве вознемири, но немам друг начин да ви објаснам колку не смееме да ги вратиме децата со таткото кој моментално е во притвор!
Што може да згреши едно дете за ова да се случува???
Ова е истото детенце од Драчево кое беше претепано од таткото, друга ситуација…
Ве молам, кој колку може веднаш да донира да ја затвориме кампања, повика Лазаров.
Во апелот на ecrowd.mk се вели дека мајка на три мали девојчиња бара поддршка за подобрување на условите во домот и психосоцијална поддршка, по излез од семејно насилство. Таа е вработена во Црвен крст и сака на ќерките да им овозможи безбеден живот.
Во време кога ја очекувала својата втора ќерка, мајка од Скопје одлучила да вложи сè во иднината – го продала својот стан за да помогне да се изгради семејна куќа во Драчево. Во неа сакала да обезбеди топол и безбеден дом за своите три девојчиња: Нина (9), Дијана (4) и Ана Марија (3). Но, токму таму започнал кошмар кој траел премногу долго. По серија случаи на семејно насилство, кулминирано со физички напад врз едно од децата, мајката конечно го прекинува молкот. Започната е и правна постапка – не само за заштита, туку и за преземање на домот кој самата го финансирала и бракоразводна постапка. Таа е вработена како асистент во Црвен крст на Македонија и со сите сили се бори да им овозможи сигурен, стабилен и достоинствен живот на своите деца, без повторна траума од селење. Кампањата има за цел да обезбеди: Правна помош Подобрување на условите за живот Основни потреби за децата Психосоцијална поддршка и стабилна средина за раст и развој
Сметка на Фондацијата: 270078016610134 (опис: за Венера и ќерките).