
Во Македонија 57.2 отсто од мајките и само 5.4 отсто од татковците се вклучени во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3 до 4 години. Активностите опфаќаат читање книги, раскажување приказни, пеење песни, излегување надвор со детето, играње со детето, именување на нештата, броење или цртање заедно, покажуваат податоците што ги објави УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на играта.
Оваа несразмерност, како што посочуваат од УНИЦЕФ, укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите – особено на татковците –со знаење и вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.
Програмите за родители кои промовираат учење преку игра и позитивно родителство не се само корисни – тие се суштински за спречување штетни практики. Ова е особено важно за Македонија, каде што 73 отсто од децата на возраст од 1 до 14 години се изложени на физичко казнување и психолошка агресија од страна на родителите и старателите, велат од УНИЦЕФ.
Дополнителен недостаток, како што посочуваат, е ограничениот пристап до организирано учење преку игра – помалку од половина од децата на возраст од 3 до 5 години посетуваат предучилишнo образование. Проширувањето на пристапот до предучилишно образование е клучно, а инвестирањето во квалитетни родителски програми го зајакнува раното учење преку поддршка на игривите интеракции дома.
Од УНИЦЕФ посочуваат дека родителството во кое свесно се користи играта за поврзување, учење и развој на детето не е само семејна работа – тоа е општествена инвестиција.
За секое дете да го ужива своето право на игра, а истовремено да се унапредат пошироките детски права и развој, владите, бизнисите и заедниците треба да понудат повеќе програми за родители што промовираат игра, безбедна приврзаност и позитивно родителство, вклучувајќи програми што се спроведуваат преку патронажните сестри, во училиштата и преку други услуги базирани во заедницата.
Воедно треба да се овозможи пристап до предучилишно образование и учење преку игра за секое дете од 3 до 5 години, така што ниту едно дете нема да биде лишено од еднакви можности за ран детски развој.
Исто така треба да се промовираат политики и стратегии што се ориентирани кон семејствата: платено родителско отсуство; поддршка за доење; детски додатоци; квалитетни, достапни и прифатливи услуги за деца како што се градинки; и ментална поддршка – за секоја мајка и татко да имаат време, можности и соодветна помош за да обезбедат нега и грижа што ќе го поттикне напредокот и успехот на децата.
Како препорака се посочува да се инвестира во безбедни, инклузивни и добро одржувани места за игра и игралишта во сите заедници.
Да се обезбеди правото на игра значи да се инвестира во средини, односи и услуги што му овозможуваат на секое дете да се развива, да учи и да напредува. Кога создаваме простор за игра, создаваме простор секое дете да расте, да се поврзе – и да гради чувство на припадност, посочуваат од УНИЦЕФ.
На годинашниот Меѓународен ден на играта, под мотото „Избери игра – секој ден“, УНИЦЕФ ѝ се приклучува на светската заедница во прославата на трансформативната моќ на играта во животот на секое дете.
По повод Меѓународниот ден на играта, УНИЦЕФ повикува на зголемени инвестиции во програми за родители, предучилишно образование и учење преку игра за секое дете, се вели во изјавата на Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Од најраните денови во животот, детскиот развој започнува токму преку игра. Кај бебињата и малите деца, игривите интеракции го поттикнуваат развојот на мозокот и помагаат во градење сигурни емоционални врски. Кај децата од предучилишна возраст, играта нуди можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да градат самодоверба и да постават темели за доживотно учење. За ранливите деца, играта е од суштинска важност за да почувствуваат вклученост и да ги изразат тешките емоции, а со тоа да отворат пат кон поврзување и исцелување. А кога родителите влегуваат во интеракција со децата преку игра, го јакнат своето ментално здравје и ја зајакнуваат врската родител-дете. Но, и покрај придобивките од играта во детскиот развој, учењето преку игра недоволно се цени, се наведува во соопштението од УНИЦЕФ.