
Над 250 планинари и рекреативци учествуваа на роденденската тура до месност Лешница на Шар Планина која ја организираше планинарскиот клуб Љуботен од Тетово по повод 100 години постоење. Планинарите кои се собраа пред клупските простории организирано со возила стигнаа до селото Бозовце од каде тргнаа пеш до месноста Лешница.
– Од Бозовце тргнавме во 8 часот и поминавме планинска патека од шест километри во еден правец. По пристигнување на Лешница и краток одмор се упативме кон природните кади со вода на Кривошијска Река. Од 14 часот почна враќањето кон Бозовце. На роденденската планинарска тура учествуваа над 250 планинари, информираше Јован Божиноски, претседател на ПК Љуботен.
Оваа година роденденската тура беше и од хуманитарен карактер. Секој поединец по сопствена волја можеше да купи беџ со логото „100 години ПК Љуботен“ по цена од 100 денари или повеќе, а собраните средства ќе се донираат за семејствата погодени од трагедијата во Кочани.