Skip to main content

Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи ги додели признанијата „Вељо Манчевски”

Фото: МИА

Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи вечерва во Филхармонија ги додели признанијата „Вељо Манчевски”. Настанот беше организиран по трет пат.

– Како земја на солидарност, толеранција и посветеност, се надевам дека ова признание, успешно ќе продолжи да ги инспирира сите поттикнувачи на општествениот прогрес и гордо да сведочи за нераскинливата врска меѓу духовноста и националниот развој, подвлече во своето обраќање претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, која е покровител на манифестацијата. 

Добитник на наградата од Македонската православна црква е академик Ѓорги Поп Атанасов. Од Католичката, сестра Наталија Стојанова, од Исламската верска заедница, Идриз ефенди Идризи, а од Еврејската, д-р Самуел Садикарио- Коломонос. Од Евангелско методистичката црква, оваа година, наградата постхумно му беше доделена на трагично починатиот претседател Борис Трајковски.

Признанијата ги додели директорката на Комисијата, Оливера Трајковска.

Наградата „Вељо Манчевски“ за првпат беше доделена во 2022 година. Се доделува за особен придонес во верската сфера на правни и физички лица кои кои со својот ангажман, активност и долгогодишен труд трајно оставиле значајни траги и се вградиле во развојот и продлабочувањето на различни значајни сегменти во верската сфера.