
Почина професорката д-р Дивна Лакинска, редовен професор, доктор по педагошки науки и редовен професор во пензија на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје, информираат од Факултетот.
Погребот ќе се одржи утре (четврток) во капелата на гробиштата Бутел, во периодот од 11:30 до 12:30 часот.
Во текот на својата долга и плодна академска кариера, изведувала настава по предметите: Педагогија, Општа андрагогија, Социјална андрагогија, Геронтологија, Социјална работа со семејство и Социјална работа во образование.
Професорката Лакинска остави длабока и трајна трага во развојот на социјалната работа, педагогијата и високото образование во Македонија.
Таа беше пионер во воведувањето на андрагогијата и геронтологијата, вистински визионер кој ја гледаше социјалната работа како поле на човечност, етика и постојано учење.
Со својата смиреност, достоинство и искреност, ја освојуваше довербата на студентите и колегите. Беше професорка што секогаш охрабруваше, споделуваше и градеше мостови помеѓу генерации.
Нејзиниот придонес останува врежан во сите што ја познаваа и работеа со неа – како човек од знаење, добрина и тивка сила.