Skip to main content

„Ај се кладиме дека утре ќе врне“: Во Франција се обложувале дури и на временска прогноза

Француската полиција спроведе истрага за наводно манипулирање со опремата на националната метеоролошка служба, по серија несекојдневни мерења на температурата кои се совпаднале со сомнителни добитни облози на платформата Полимаркет. Податоците од метеоролошката станица  Метео-Франс на парискиот аеродром Шарл де Гол биле користени за порамнување на облози меѓу онлајн коцкари во врска со тоа колкава ќе биде температурата во Париз во текот на март и првите недели од април.

Во одредени денови, вкупната вредност на овие облози надминувала 500.000 американски долари. Се чини дека неколку трговци оствариле значителни профити – три одделни дигитални паричници заработиле повеќе од 280.000 долари со облози дека температурата во Париз ќе достигне 19 степени на 15 април, при што истата вечер е забележан изненадувачки раст на температурата за пет степени. Времето на обложување предизвикало поголеми сомнежи дека вешти коцкари можеби извршиле манипулација со метеоролошката станица. Се претпоставува дека најмалку еден облог бил поставен непосредно пред големиот раст на температурата, при што тој потег донел добивка од 21.000 долари за анонимен корисник кој истовремено се обложувал и за временските услови во Сеул и Торонто.

На Полимаркет и на платформата Дискорд, се објавени анонимни учесници кои споделиле слика генерирана со вештачка интелигенција, на која е прикажана личност која со фен насочува струја – воздух кон метеоролошка станица, покрај пистата на аеродромот. Француските власти потврдија дека е поднесена официјална пријава од Метео-Франс и дека специјализираното одделение за сајбер-криминал веќе води истрага. 

„Со направена проверка на сензорите се најдени траги на еден од нашите инструменти, по што е поднесена пријава“, соопшти метеоролошката служба за Фајненшл тајмс.

Од тука, платформата Полимаркет престана да го користи сензорот на аеродромот Шарл де Гол како референтна точка за мерење и премина на користење на станицата на аеродромот Париз ле Бурже, но не ги откажа постоечките договори ниту изврши враќање на вложените средства. Ширењето на онлајн платформата за обложување,чии инвеститори вклучуваат и фонд за ризичен капитал поврзан со Доналд Трамп Џуниор, создава поголема загриженост дека начинот на кој таа се рекламира, побрзо може да се претвори во контроверзна заедница на онлајн коцкари. Како пример е инцидентот во кои коцкари упатиле закани кон израелски новинар откако тој известил за ракетен напад во близина на Ерусалим, поради речиси еден милион долари вложени во облози за тоа дали Иран тој ден ќе изврши напад врз Израел

Поврзани вести