
Борбен авион Ф-16 на турските воздухопловни сили се урна ранo утрово во Баликесир, при што загина пилотот, соопшти префектот на регионот, Исмаил Устаоглу, пренесува Си-ен-ен Турк.
Според префектот, Ф-16, кој припаѓал на командата на 9-та ескадрила на воздухопловната база Баликесир, се урна за време на лет околу 00:50 часот, под околности кои сè уште не се разјаснети.
Исмаил Устаоглу потврди дека пилотот на авионот загинал во несреќата, без да даде дополнителни детали за причините за падот.
Автопатот Измир-Истанбул, каде што има расфрлани остатоци и каде што екипите интензивно работат, е привремено затворен за сообраќај од безбедносни причини, како што објави префектот на регионот, Исмаил Устаоглу.
Додека возилата на автопатот се пренасочуваат кон алтернативни патишта, тимови од воени експерти работат на собирање на остатоците од авионот и завршување на техничката анализа. Дознаваме дека Министерството за национална одбрана и надлежните единици спроведуваат сеопфатна административна и техничка истрага за несреќата.

Македонски



