
Во израелските воздушни напади загинаа најмалку 100 Палестинци низ Појасот Газа во текот на ноќта, соопштија во неделата локалните здравствени власти, додека посредниците организираа нова рунда разговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Засега нема коментар од израелската војска, која ги прошири своите напади врз енклавата, убивајќи стотици луѓе од четвртокот, како подготовка за нова копнена офанзива за постигнување „оперативна контрола“ во делови од Газа.
„Имаме најмалку 100 мртви од синоќа. Цели семејства се избришани од граѓанскиот регистар со израелските бомбардирања“, изјави телефонски за Ројтерс Калил Ал Декран, портпарол на Министерството за здравство во Газа.
Израел го блокираше влезот на медицински и прехранбени резерви, како и гориво, од почетокот на март во Газа, во обид да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи израелските заложници и да одобри планови кои би можеле да вклучуваат заземање на целиот Појас Газа и контрола на помошта. Хамас вели дека ќе ги ослободи заложниците само во замена за израелски прекин на огнот.