
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, соопшти дека агентите на американската Гранична патрола (ГП) и Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) добиваат закани и навреди бидејќи локалните државни функционери во американските сојузни држави одбиваат да соработуваат со имиграциската служба.
Тој на Х напиша дека наводно слушнал како неколку службеници на ГП и ИЦЕ, кои не биле на должност во Минесота, биле нападнати во ресторан, а локалната полиција одбила да помогне.
Неколку службеници на ИЦЕ и ГП кои не беа на должност отидоа на вечера во Минеаполис. Нивната локација беше откриена и беа доксувани, а потоа ресторанот беше нападнат. Полицајците беа заклучени во ресторанот, а локалната полиција одби да одговори на нивните молби за помош (како што им наложиле локалните власти). На крајот, на помош им пристигнаа нивните колеги федерални агенти, напиша Венс.
Терминот доксинг (doxing) се однесува на прибирање и јавно објавување лични информации на поединец, како што се име, адреса, телефонски број или други приватни податоци, без согласност на тој поединец.
Според Венс, тоа е само дел од она со што се соочуваат федералните агенти бидејќи локалните сили на редот не соработуваат со нив.
Создадоа хаос за да можат да имаат моменти како вчерашниот, каде што некој трагично умира, а политичарите го истакнуваат злото на спроведувањето на безбедноста на границата. Решението е пред очите на сите. Се надевам дека властите во Минеаполис ќе го запрат ова лудило, напиша Венс, алудирајќи на убиството на американскиот државјанин Алекс Прети, што е втор смртоносен инцидент во кој во помалку од три недели се вклучени агенти на службата за имиграција, а што дополнително ги засили тензиите во градот каде што веќе со недели се одржуваат протести.
Најновото пукање се случи еден ден откако десетици илјади луѓе маршираа низ центарот на Минеаполис протестирајќи поради присуството на агенти на ИЦЕ во градот. Претходниот инцидент се случи на 7 јануари кога агент на ИЦЕ ја уби американската државјанка Рене Гуд.

Македонски




