
Белата куќа денеска соопшти дека секоја сугестија дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува за 90-дневна пауза на царините, чие воведување им го соопшти на голем број земји во светот, е „лажна вест“. „Лажни вести“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит за CNBC News.
Ливит со тоа го демантираше известувањето на некои американски медиуми кои, повикувајќи се на неименуван извор од Белата куќа, претходно денеска објавија дека Трамп размислува за 90-дневна пауза во воведувањето тарифи за сите земји, освен за Кина.
Според Ен-Би-Си Њуз, сè започнало со неточна објава во која се тврдело дека директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет, наводно изјавил дека претседателот Доналд Трамп размислува за 90-дневно замрзнување на царините за сите земји освен за Кина.
Ваквиот лажен навод доведе до скок на берзанските индекси за само неколку минути, но веднаш потоа следеше нивен пад.
Сепак, Хасет во своето гостување на Фокс Њуз не кажа дека ваква мерка се разгледува. Неговата вистинска изјава беше: Мислам дека претседателот ќе одлучи онака како што смета дека е правилно. Во моментов повеќе од 50 земји преговараат со него.
Овој настан уште еднаш покажа колку финансиските пазари се чувствителни – понекогаш е доволен само еден погрешен цитат на висок функционер за да се предизвика бурна реакција кај инвеститорите, посочува медиумот.