
Унгарскиот премиер Петер Маѓар го повика претседателот на Врховниот суд, Андраш Варга, веднаш да поднесе оставка, обвинувајќи го дека живее во луксуз на сметка на јавни средства.
Претседателот на Врховниот суд редовно ги заплашуваше своите колеги со закани, а поранешниот премиер Виктор Орбан го назначи за претседател на Врховниот суд иако никогаш не работел ниту еден ден на суд, ниту донел ниту една судска пресуда“, се наведува во соопштението на Маѓар, пренесува МТИ.
Варга вчера ги отфрли тврдењата дека користел јавни средства за изградба на луксузен претседателски апартман во зградата на Врховниот суд како дел од реконструкцијата вредна повеќе милијарди форинти.
Унгарскиот премиер на тоа одговори дека во канцеларијата на претседателот има позлатени тавани, мермерни плочи во бањата, клуб за судиите со бар, зимска градина со стаклен покрив и нови тераси со поглед на парламентот, кои, според него, биле финансирани со пари на даночните обврзници и направени во тајност.
Што би рекле службениците, судските регистратори и другите судски службеници кои заработуваат 200.000 – 300.000 форинти месечно… додека вие избиравте мермер за вашата бања?“, праша Унгарецот.
Маѓар му порача на Варга да поднесе оставка што е можно поскоро, заедно со остатокот од луѓето на Орбан кои живеат во луксуз на сметка на граѓаните.
Премиерот рече дека постојните инвестиции ќе бидат завршени, но дека трошоците и пречекорувањата на буџетот ќе бидат следени.
Врховниот суд на Унгарија вчера објави на својата веб-страница дека реконструкцијата на зградата на плоштадот Кошут не била одобрена од сегашното раководство, туку од претходното.
Во соопштението се наведува дека првичните планови вклучувале клуб за судии на покривот, а не претседателски апартман, и дека плановите никогаш не вклучувале салон за пури или претседателски апартман.
Врховниот суд, исто така, негира дека е нарачан мермер од Карара, наведувајќи дека целта на реновирањето била да се врати зградата во нејзината оригинална состојба, а воедно да се прилагоди на современите канцелариски потреби.

Македонски

