Skip to main content

Унгарија ја тужи ЕУ поради одлуката за откажување од увозот на руски гас

tasukaran-from-pixabay

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, соопшти дека унгарската влада поднела тужба до Судот на правдата на Европската Унија, барајќи поништување на регулативата „RePower“ на ЕУ, која има за цел постепено да го укине увозот на руски гас.

Сијарто тврди дека ЕУ ги пречекорила своите овластувања со усвојувањето на регулативата, бидејќи одлуката погрешно била претставена како мерка на трговска политика, а не како санкција, додавајќи дека нејзиното спроведување би ја загрозило безбедноста на снабдувањето со енергија во Унгарија.

Како што пишува „Хунгариан индекс“, Сијарто вели дека Унгарија ја оспорила регулативата „RePower“ на ЕУ пред Судот на ЕУ по нејзиното официјално стапување во сила, посочувајќи дека за Унгарија нема поевтини и посигурни алтернативи на руската нафта и гас, како и дека без овие извори на енергија не е можно да се гарантира енергетската безбедност на земјата или да се одржат ниски трошоците за домаќинствата.

Унгарскиот министер наведува три клучни причини зошто официјална Будимпешта бара поништување на регулативата: дека „RePower“ во суштина претставува политика на санкции, што би барало едногласна одлука од земјите-членки; потоа дека ЕУ нема овластување да донесува такви одлуки бидејќи енергетската политика е одговорност на земјите-членки; како и дека принципот на енергетска солидарност во ЕУ е прекршен ако е загрозено снабдувањето со енергија на која било членка.

Според Сијарто, судската постапка би можела да трае помеѓу една и пол и две години, а откажувањето на руските извори на енергија би можело да ги зголеми трошоците за енергија во Унгарија за трипати.

Регулативата „RePower EU“ беше усвоена од Европскиот парламент во декември, додека Советот на ЕУ ја потврди во јануари, при што само Унгарија и Словачка гласаа против.

Според планот, забраната се однесува исклучиво на рускиот гас, додека укинувањето на увозот на руска нафта и нуклеарно гориво ќе се одлучи со посебна регулатива во 2026 година.

Според договорот на институциите на ЕУ, увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) би бил забранет од почетокот на 2026 година, додека забраната за увоз на гас преку цевководи би стапила во сила на 30 септември 2027 година, со преодни периоди за постојните договори.

Регулативата предвидува обврска на земјите-членки да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас, додека Европската комисија ќе го надгледува спроведувањето на забраната.

Комисијата има можност привремено да ја суспендира забраната во случај да е загрозена безбедноста на снабдувањето на една или повеќе земји-членки, но само за ограничен период и за краткорочни договори.

Поврзани вести