Skip to main content

Трамп со пингвин на Гренланд – порака во снег

Белата куќа објави необична и симболична фотографија на која американскиот претседател Доналд Трамп е прикажан како шета низ снежен пејзаж во друштво на пингвин – сцена што веднаш предизвика реакции и толкувања.

Фотографијата прикажува леден предел со планини во позадина и широка снежна рамнина во преден план. Пингвинот носи американско знаме, додека во далечината, на рид, е поставено знамето на Гренланд.

Иако визуелно впечатлива, сцената е биолошки невозможна. Пингвините природно живеат исклучиво на јужната хемисфера – на Антарктикот и во јужните делови на Јужна Америка, Африка, Австралија и Нов Зеланд. Тие не постојат во дивината на северната хемисфера, а уште помалку на Гренланд.

Токму затоа, фотографијата се толкува како јасна политичка алузија на амбициите на Трамп поврзани со Гренланд. Во изминатите недели, тој во повеќе наврати изјави дека САД „мора да го добијат Гренланд“, оценувајќи дека арктичкиот остров е од клучно значење за американската безбедност. Во една од изјавите дури порача дека Вашингтон ќе го добие „на еден или друг начин“.

Сепак, во средата, за време на говорот на Светскиот економски форум во Давос, Трамп ја отфрли можноста за употреба на сила. Дополнително, тој се повлече и од претходно најавените закани за воведување казнени тарифи за осум европски земји, кои беа протолкувани како обид за притисок во врска со Гренланд.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп соопшти дека во Давос постигнал договор за „рамка за иден договор“ со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Сепак, засега нема детали што би вклучувала таа рамка, ниту до каде се стигнати евентуалните преговори.

Поврзани вести