
Договорот за ретки минерали со Киев ќе биде потпишан наскоро, а напорите на САД за постигнување мировен договор за ставање крај на војната во Украина одат „прилично добро, рече американскиот претседател Доналд Трамп по неговите разговори оваа недела со украинскиот и рускиот лидер.
Трамп го даде коментарот на настан во Белата куќа откако потпиша извршна наредба за зголемување на добивањето ретки минерали.
Потпишуваме и договори низ светот за добивање ретки минерали и многу други работи, додаде американскиот претседател.
Во однос на Украина, се справуваме многу добро во однос на преговорите со Киев и Москва. А, една од работите што ќе ја направиме многу наскоро е да потпишеме договор за ретките минерали во Украина, рече Трамп.
Би сакале сето ова да заврши и сметам дека работите се одвиваат прилично добро, рече Трамп, имајќи ги предвид преговорите со неговите украински и руски колеги, Володимир Зеленски и Владимир Путин, за ставање крај на војната во Украина.
Значи, ние спасуваме илјадници животи неделно, на наша голема радост. Тоа е смислата на целата работа. Тие умираат залудно, а ние мислиме дека ќе постигнеме нешто. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека ќе го завршиме тоа, додаде Трамп.
Украина и САД овој месец објавија дека се договориле што е можно поскоро да го финализираат сеопфатниот договор за ретките минерали со Киев, што Трамп го гледа како средство за компензирање на трошоците за американската помош за Украина.