Skip to main content

Тинејџер си ги убил родителите, а планирал да го убие Трамп

Facebook/Donald J. Trump

Седумнаесетгодишник од американската сојузна држава Висконсин, обвинет за убиство на своите родители, планирал да го убие американскиот претседател Доналд Трамп, се наведува во судскиот документ на ФБИ.

Минатиот месец, Никита Касап (17) од Ваукеша, беше обвинет дека ги извршил убиствата на неговата мајка, 35-годишната Татјана Касап и очувот, 51-годишниот Доналд Мајер, а потоа живеел со нивните тела. Инспекторите сега тврдат дека тинејџерот планирал да го убие и американскиот претседател Доналд Трамп.

ФБИ го обвинува Касап за заговор, обид за атентат врз претседателот и обид за употреба на оружје за масовно уништување.

Според ФБИ, за време на претресот на мобилниот телефон на Касап, истражителите пронашле „манифест“ во кој се повикува на атентат на претседателот со цел да се предизвика расна војна и да се создаде хаос.

Касап ги сподели своите планови со другите на TikTok и Telegram и се идентификуваше како следбеник на Редот на деветте агли, група која ФБИ ја опишува како неонацистички култ кој „заговара насилство и тероризам за да се соборат владите и да се уништи модерната цивилизација“.

Според документите на ФБИ, Касап веќе делумно платил за „дрон со механизам за ослободување на товар“, кој планирал да го користи за фрлање експлозиви, молотови коктели или моќен отров на цели, јавува Би-Би-Си.

„Убиството на родителите очигледно беше обид да се обезбедат финансиски средства и слобода неопходни за извршување на неговиот план“, се вели во изјавата.

Касап беше уапсен на 28 февруари, откако не застана на знакот за стоп додека го возеше Фолксваген атласот на неговиот очув во Векини, Канзас, на речиси 800 милји од местото каде што живееше. Во автомобилот биле пронајдени пиштолот Смит и Весон 357 магнум на очувот, личните документи на жртвите и чаурите.

17-годишното момче првично беше обвинето за неовластено користење на возило и кражба на движен имот, а потоа две точки за убиство од прв степен, две точки за прикривање тело, кражба на имот вреден над 10.000 долари и две точки за кражба на идентитет заради финансиска корист, изјавија претставници на Ваукеша.

Тинејџерот се појави на суд на 27 март, кога беше откриено дека телото на неговата мајка е пронајдено во ходникот покриено со ќебиња и крпа, а телото на неговиот очув е пронајдено во канцеларијата на долниот кат од куќата, покриено со куп алишта.

Поврзани вести