Skip to main content

Студија: Имигрантите во Германија и натаму заработуваат помалку од домицилното население, дури и после неколку генерации

Фото: Freepik

Имигрантите во Германија во просек заработуваат значително помалку од домицилното население, покажува меѓународна студија објавена денеска.

Истражувањето, спроведено со учество на Институтот за истражување на вработеноста (IAB) во Нирнберг и нарачано од списанието „Нејчр“ (Nature), опфаќа податоци од вкупно девет држави: Германија, Канада, Данска, Франција, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и САД.

Во Германија, разликата во приходите за првата генерација изнесува 19,6 отсто. Причината не е нееднаква плата за иста работа, туку отежнат пристап до подобро платени сектори, занимања и компании.

– Интеграцијата пред сè значи уривање на структурните пречки до добро платени работни места, изјави Малте Рајхелт, коавтор на студијата од IAB.

Како клучни фактори за надминување на овие пречки се наведуваат јазичната поддршка, признавањето на странските дипломи, проширувањето на професионалните мрежи и подобар пренос на информации.

Дури и кај втората генерација имигранти во Германија, останува просечна разлика во приходите од 7,7 отсто – особено изразена кај потомците на имигранти од Африка и Блискиот Исток, пренесува ДПА.

Најголеми разлики во примањата на првата генерација се забележани во Шпанија (29,3 отсто) и Канада (27,5 отсто), а потоа следуваат Норвешка (20,3), Германија (19,6), Франција (18,9) и Холандија (15,4). Најмала разлика е регистрирана во САД (10,6), Данска (9,2) и Шведска (7 отсто).

Кога станува збор за втората генерација, просечната плата е 5,7 отсто пониска од онаа на домицилното население, што ја позиционира Германија над просекот. Најголема разлика кај втората генерација е регистрирана во Норвешка (8,7 отсто), а најмала во Канада (1,9 отсто).

Поврзани вести