Skip to main content

Собир во Њу Делхи за мерки против загадувањето на воздухот

Во Њу Делхи денеска се одржа собир за мерки против загадувањето на воздухот во главниот град на Индија, кој е еден од градовите во светот со најголемо загадување на атмосферата.

Неколку десетици демонстранти излегоа на улиците со своите деца носејќи маски и држејќи транспаренти со слогани. На еден пишуваше „Ми недостига дишење“ и „Само сакам да дишам“.

Демонстрантите се собраа во близина на култната Индиска порта, споменик подигнат од колонијалните власти.

Во тој регион, нивото на честички PM2,5, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови или во кардиоваскуларниот систем, вечерва достигна ниво од 200, што е повеќе од 13 пати повисоко од максималната дневна граница препорачана од Светската здравствена организација.

Според студија објавена минатата година во медицинското списание „Лансет“ (The Lancet), 3,8 милиони Индијци починале од загадување на воздухот помеѓу 2009 и 2019 година.

Њу Делхи и неговата пространа област со периферија со 30 милиони жители редовно се рангираат меѓу најзагадените главни градови во светот, со остра магла (смог) која секоја зима го прекрива хоризонтот, а која ја создаваат фабриките, автомобилскиот сообраќај и палењето на земјоделските култури.

Нивоата на PM2,5 понекогаш се и до 60 пати повисоки од дневните граници што ОН ги поставија за здравје.

Одредени владини иницијативи, како што се делумни ограничувања на превозот, се сметаат за недоволни.

Поврзани вести