
Над 510.000 патници се погодени од денешниот 24-часовен штрајк на најмалку десет аеродроми во Германија, кој започна на полноќ.
Повеќе од 3.400 летови се очекува да бидат откажани на аеродромите во Франкфурт, Минхен, Берлин, Дизелдорф, Бон/Келн, Штутгарт, Лајпциг, Бремен и Хамбург.
На најголемиот германски аеродром, Франкфурт, се проценува дека приближно 150.000 патници нема да можат да патуваат со нивните редовни летови, додека нема да се опслужуваат ниту „транзит“ летови.
Синдикатот Вер.ди повика на штрајк на работниците во секторите за безбедност на авиони и патници и во секторот за пилоти, пред третиот круг преговори со работодавачите.
Синдикалците бараат зголемување на платите за 8 отсто и најмалку 350 евра повеќе месечна заработувачка, повисоки бонуси за работа во периоди на притисок и дополнителни три дена отсуство.
Работодавачите досега ги отфрлаа барањата како неосновани и немаат поднесено контрапредлог.