Skip to main content

Шеесет јавни личности апелираат кралот на Мароко да одговори со фундаментални реформи на барањата на младите

Фото: Freepik

Шеесет јавни личности денеска упатија писмо до кралот на Мароко, Мухамед Шести во кое бараат тој да одговори на 10-дневните протести на  младите луѓе со преземање длабоки реформи во образованието и здравството, борба против корупцијата и клиентелизмот и создавање на работни места.

Во отвореното писмо на 60 интелектуалци, актери и активисти за човекови права наведуваат дека рекоа дека е сериозна ситуацијата во Мароко.

– Ви се обраќаме затоа што имате врховна моќ и затоа врховна одговорност за оваа земја. Мароканскиот народ страда, а младите викаат на улиците, се наведува во писмото до кралот Мухамед Шести.

Според потписниците на писмото, барањата на младите се легитимни за оставка на премиерот Азиз Ахануш. Тие, исто така, повикаа на „отпочнување процес за уставна реформа“ и ослободување на сите притворени од движењето „Генерација З 212“, како и на сите други политички затвореници во Мароко.

Од 27 септември, младинското движење „ГенЗ 212“ (GenZ 212), кое неодамна се појави на социјалните медиуми, повикува на ноќни маршеви, со кои се бараат реформи во здравството и образованието, крај на корупцијата и оставка на мароканската Влада.

Протестите почнаа по смртта на осум бремени жени минатиот месец, кои беа примени на царски рез во државна болница во јужниот град Агадир.

Младинското движење вчера објави „привремена пауза“ во протестите за подобро организирање и за поголема мобилизација утре, во пресрет на отворањето на есенската парламентарна сесија, на која кралот Мухамед Шести ги поставува приоритетите на земјата секоја година.

Додека „ГенЗ 212“ денеска соопшти дека од почит кон кралот нема да протестираат в петок, кога ќе се обрати Мухамед Шести во Парламентот, потенцирајќи оти одлуката не значи повлекување од нивните барања, туку одразува „чувство на одговорност кај членовите“ на движењето.

Младинското движење е и против преголемите трошоци за изградба на „најголемиот фудбалски стадион во светот“. Мароко ќе биде домаќин на Африканскиот куп на нации на крајот од 2025 година и коорганизатор на Светското првенство во 2030 година заедно со Шпанија и Португалија, поради што почна големи инфраструктурни проекти – изградба на нови стадиони, проширување на мрежата за брзи возови и модернизација на неколку аеродроми.

Поврзани вести