
Британскиот премиер Кир Стармер го пречека индискиот премиер Нарендра Моди во владината резиденција Чекерс. Двајцата лидери прво разговарале насамо, пред официјалниот почеток на разговорите.
Во фокусот на средбата е потпишување на амбициозен договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и Индија, како и објавување на заедничката „Визија за Обединетото Кралство и Индија до 2035 година“, што ќе го подигне билатералното партнерство на ново ниво.
Моди пристигна во Лондон вчера, а договорот за слободна трговија се смета за клучен момент на неговата дводневна посета. Преговорите кои траеја три години завршија во мај.
Според договорот, Велика Британија ќе ги укине царините за 99 отсто од индиските производи, а британските компании ќе добијат полесен пристап за извоз на виски, автомобили и други стоки во Индија. Ова ќе биде најголемиот трговски договор што Лондон го има склучено по напуштањето на ЕУ.
Двете земји исто така потпишаа конвенција за социјално осигурување, со која вработените што привремено работат во една од државите ќе плаќаат придонеси само во матичната земја. На овој начин се избегнува двојно оданочување на социјалните придонеси.