
Туристка (28) ја оштети фонтаната на Нептун во Фиренца на Пјаца дела Сињорија, откако се качила на споменикот како дел од, како што е наведено, предизвик пред венчавка, и со тоа предизвика штета од 5.000 евра.
Инцидентот се случил кога жената ја поминала заштитната ограда и се качила на фонтаната, по што веднаш била отстранета од местото на настанот, пренесе Анса. Според локалните власти, нејзиното однесување предизвикало „мала, но значајна штета“ на уметничко-архитектонскиот споменик, дело на ренесансниот вајар Бартоломео Аманати од 16 век, во вредност од околу 5.000 евра.
Истрагата покажала дека намерата на туристката била да се фотографира и симболично да ги допре деловите на статуата како дел од личен предизвик пред венчавка. При качувањето, таа ги користела структурата на фонтаната и фигурата на коњот како потпора за да избегне влегување во водата.
Експертите од надлежните служби по инцидентот извршиле преглед и потврдиле оштетувања на нозете на фигурата на коњот и на делот од релјефот за кој се држела. Против туристката е поднесена пријава за оштетување на културно-уметнички споменик.(МИА)

Македонски


