Skip to main content

САД ја гаснат арапската ТВ „Алхура“, отпуштен поголемиот дел од персоналот

Freepik

Телевизијата „Алхура“, што емитува програма на арапски јазик и беше создадена и финансирана од САД по инвазијата во Ирак, објави дека ќе го прекине своето емитување и ќе отпушти најголем дел од персоналот поради укинување на американската државна поддршка.

Како дел од намалувањето на федералниот буџет, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во март донесе одлука целосно да го укине финансирањето на медиумите што се поддржани од Владата.

Во известувањето до вработените, директорот на „Алхура“, Џефри Гедмин, наведе дека не очекува повторно обезбедување средства од Конгресот на САД. Тој ја обвини администрацијата на Трамп и Илон Маск дека „неодговорно и незаконски“ го запреле финансирањето на телевизијата.

Гедмин, исто така, посочи дека директорката на агенцијата задолжена за надзор на јавните медиуми, Кери Лејк, одбива да дискутира за замрзнувањето на субвенциите.

Сметам дека таа намерно нè лишува од средствата што ни се потребни за да ви исплатиме плати, навел тој во писмо до вработените.

Телевизијата сепак ќе се обиде да ја одржи својата интернет-страница активна.

Според „Алхура“, неделната гледаност на телевизијата изнесува 30 милиони луѓе во 22 држави.

Поврзани вести