
Вкупно 17 лица починаа од грип во Романија во третата недела од јануари, со што вкупниот број на жртви од почетокот на сезоната се искачи на 57, соопшти Националниот институт за јавно здравје.
Најкритична е состојбата во округот Клуж, каде се регистрирани 11 смртни случаи. Статистиката покажува дека мнозинството од починатите (47 лица) биле на возраст над 65 години. Во периодот од 19 до 25 јануари се регистрирани над 100.000 случаи на респираторни инфекции, што е за 8,7 отсто повеќе во споредба со претходната недела.
Поради влошената епидемиолошка слика, во округот Илфов и во Букурешт се воведени превентивни мерки. На родителите им е забранет влез во просториите на јаслите и градинките, а децата со симптоми на настинка не смеат да посетуваат јавни места.
Во болниците во главниот град повторно се поставени дезинфектанти и заштитни маски на видни места, слично како за време на пандемијата на Ковид-19.

Македонски




