Skip to main content

Путин: Кремљ внимателно ја следи ситуацијата околу Иран

Кремљ внимателно го следи развојот на ситуацијата околу Иран, изјави рускиот претседател Владимир Путин на средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Секако, внимателно следиме што во моментов се случува на иранската сцена, рече Путин, додавајќи дека би сакал да разговара со Ал Нахјан за сите клучни прашања од регионалната и глобалната политика, како и за различни аспекти од билатералните односи.

Рускиот претседател потсети дека во август 2025 година двајцата лидери одржале детални разговори во Кремљ, на кои биле разгледани актуелни прашања од руско-емиратската соработка и биле утврдени планови за нејзин понатамошен развој.

Путин предложи да им се даде можност на членовите на делегациите на Русија и на ОАЕ да се изјаснат за најчувствителните и најважните теми, а потоа најави и работен ручек со Ал Нахјан, на кој, како што рече, би можеле да разговараат „во четири очи“ за овие прашања.

Обединетите Арапски Емирати неодамна беа домаќини на мировни разговори меѓу делегации на Русија, САД и Украина.

Претходно денеска, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека можноста за преговори меѓу САД и Иран сè уште не е исцрпена. Тој предупреди дека употребата на каква било сила против Техеран би можела да предизвика „хаос“ во регионот и да доведе до сериозни последици.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го повика Иран да седне на преговарачка маса и да постигне договор за нуклеарното оружје.

Поврзани вести