
Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) во вторник ќе расправаат за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија на нејзиниот европски пат, подготвен од специјалниот известувач за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц.
Како што соопшти ЕП, анализирајќи го напредокот на Македонија кон членството во ЕУ, Предлог-извештајот „ги препознава чекорите што земјата ги презеде за решавање на различните прашања што го попречуваат процесот на нејзино пристапување“ кон Унијата.
Во документот се апелира и на „брзо унапредување“ на пристапните преговори на земјава и се повикуваат сите македонски политички чинители „да постигнат консензус за неопходните уставни амандмани“, а од ЕУ се бара „да го поддржи овој потфат“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, членовите на АФЕТ ќе гласаат по Предлог-извештајот за земјава во текот на мај.
Покрај, за земјава, членовите на АФЕТ ќе расправаат и за извештаите за напредокот на Албанија, Босна и Херцеговина и Молдавија.
За извештаите за Косово, Србија и Турција АФЕТ расправаше на своето заседание на 20 февруари.
На седницата на АФЕТ во вторник, европратениците ќе разменат и мислења за состојбите на Блискиот Исток со сирискиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ајман Сафади, а извршниот директор на Европската фондација за демократија (ЕЕД), Јержи Помјановски ќе им го презентира Годишен извештај за демократија на организацијата за 2024 година.