Skip to main content

Објавена снимка од убиството во Минеполис: Агент на ICE ја снимал интервенцијата што заврши со смрт

Објавена е видео-снимка од мобилен телефон на агентот на Службата за имиграција и царина на САД (ICE), Џонатан Рос, кој во Минеполис ја застрелал 37-годишната Рене Гуд. Снимката, која ја направил самиот агент, ја потврди Министерството за внатрешна безбедност на САД, а ја објавија медиумите Alpha News и CNN.

На видеото се гледа како Гуд со својот темноцрвен SUV запира на улица, по што агентот Рос ѝ приоѓа на возилото. Преку прозорецот се забележува комуникација меѓу двајцата, по што автомобилот започнува да се движи наназад, а потоа нагло напред. Во тој момент се слушаат три истрели, како и звуци од судир и извици во позадина. Засега не е јасно дали возилото го допрело агентот.

Градоначалникот на Минеполис, Џејкоб Фреј, остро реагираше на постапувањето на федералните власти и побара во истрагата да бидат вклучени и државни истражители. Тој изрази загриженост поради, како што рече, брзото означување на жртвата како „домаќински терорист“ од страна на високи федерални функционери.

Случајот предизвика и силни политички реакции. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Ванс, ја сподели снимката на социјалната мрежа X, тврдејќи дека таа покажува оти животот на агентот бил загрозен. Во исто време, локалните власти ја критикуваат Федералната истражна служба (ФБИ), која го презеде случајот и, според нив, им го оневозможила пристапот до клучни докази.

Градските власти изразуваат загриженост дека трагедијата може да предизвика нов бран протести, слични на оние од 2020 година по убиството на Џорџ Флојд, кое се случи на само километар и половина од местото на овој инцидент.