Skip to main content

Нилсен: Никогаш во поновата историја на Гренланд не сме се соочиле со поголем предизвик

Никогаш во поновата историја на Гренланд и Данска не сме се соочиле со поголеми предизвици од овие денови, изјави денеска премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, и додаде дека ќе продолжи да ја води својата земја низ сегашната геополитичка криза.

„Ова е предизвикувачки период низ кој поминуваме. Ние стоиме заедно во ова и во Кралството Данска. Ова апсолутно не е време да се делиме околу внатрешните прашања“, рече Нилсен, пренесен од гренландскиот радиодифузер KNR.

„Се надевам дека нашата амбиција да воспоставиме понормален дијалог, со поголемо меѓусебно почитување, ќе може да започне по состанокот. Ние во Гренланд сакаме да знаеме што конкретно сакаат САД. Постојат неверојатен број работи за кои можеме да соработуваме во рамките на западната Алијанса од која сме дел и за која лојално работевме сите овие години“, рече Нилсен.

Тој оцени дека ситуацијата е многу предизвикувачка и сериозна бидејќи немало индикации од американската страна дека пораките што Гренланд ги испрати до Вашингтон од самиот почеток се прифатени.

„Гренланд ја избира Данска наместо САД. Гренланд ги избира ЕУ, НАТО и Кралството Данска. Ние сме признати како народ со право на самоопределување. Мораме сами да го реализираме тоа право. Никој друг не треба да дојде и да ни го диктира. Би сакал да го разјаснам тоа“, рече Нилсен на прес-конференцијата и додаде дека не исклучува дека во иднина ќе има промени во начинот на кој е изградена данската империја, но, како што рече, „сега не е време да се дискутира за тоа“.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, постојано ја повторува својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд и не ја исклучува употребата на воена сила.

Шефовите на дипломатиите на Данска и Гренланд Ларс Локе Расмусен и Вивијан Мотцфелд, подоцна денеска ќе се сретнат во Вашингтон со американскиот државен секретар Марк Рубио и потпретседателот на САД, Џорџ В. Д. Венс, за да разговараат токму за моменталната ситуација со островот .

Радиодофузерот KNR наведува дека една од темите на дневниот ред на денешните разговори ќе биде прашањето за договор за слободно здружување откако специјалниот претставник на Трамп за Гренланд, Џеф Ландри, рече дека Трамп поддржува независен Гренланд со економски врски со САД.

Поврзани вести