Skip to main content

Ние се печеме, тие смрзнуваат: Австралија доживеа најголеми снежни врнежи во последните децении

Printscreen

Неколку градови во источна Австралија беа покриени со најголеми снежни врнежи во последните децении, додека силна бура го зафати регионот овој викенд, предизвикувајќи поплави, затворање на патишта и прекини во снабдувањето со електрична енергија за илјадници домови, соопштија властите.

Вчера во некои области беа прогнозирани околу 50 сантиметри снег, додека во други беа прогнозирани повеќе од 10 сантиметри дожд, соопшти Државната служба за вонредни состојби на Нов Јужен Велс. Условите се подобрија денеска.

Делови од северозападниот регион на Нова Англија доживеаја највисоки нивоа на снежни врнежи во последните 20 години, објави државната радиодифузна корпорација „Австралијан Бродвејшн“, додека „Сиднеј Морнинг Хералд“ објави дека делови од соседниот Квинсленд доживеале први снежни врнежи во последните 10 години.

Службите за вонредни состојби соопштија дека реагирале на повеќе од 1.455 инциденти и повеќе од 100 возила биле заглавени во снег, додавајќи дека бурите оштетиле згради и издале неколку големи предупредувања за поплави. Десетици илјади домови ја поминале ноќта без електрична енергија.

Полицијата во Нов Јужен Велс, најнаселената држава во Австралија, соопшти дека автомобил се заглавил во поплавните води преку ноќ и дека е во тек потрагата по жена на возраст од 20 години која била однесена од водата.

Поврзани вести