Skip to main content

Најверојатниот нов германски канцелар побара да нема земји од „втора класа“

Лидерот на германската Христијанско-демократска унија и фаворит за иден германски канцелар, Фридрих Мерц, денеска изјави дека процесот на проширување на Европската унија ќе потрае и оти дотогаш треба да се утврди дека земјите-кандидатки ќе бидат повеќе вклучени во структурите на ЕУ и механизмите за одлучување и без полноправно членство.

-Верувам дека треба да ја надминеме строгата разлика помеѓу тоа да бидеме целосно надвор или целосно внатре во ЕУ и да создадеме нешто што го отвора патот кон полноправно членство, рече Мерц на состанокот во Берлин организиран од фондацијата “Корбер“ (Körber).

Во својот говор за германската надворешна и европска политика Мерц не го спомна проширувањето на ЕУ, но на прашањето каков е неговиот став по ова прашање, тој рече дека нема „дефинитивен“ одговор, но дека некако мора да се воспостават институционални врски меѓу кандидати за членство и ЕУ.

-Не можам да ви дадам дефинитивен одговор на ова прашање. Само барам начини да создадам можности за подлабока интеграција на европските и соседните земји во структурите и механизмите за одлучување на ЕУ, рече Мерц, споменувајќи дека разговарал тоа со францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој посочи дека таквиот модел не смее да остави впечаток на второкласно членство.

-Таков впечаток не смее да се создава. Овие земји не се членки од втор ред. Тие можат да бидат учесници во некој процес или да изберат да останат на одредено ниво подолг период. Но, ние мора да воспоставиме институционални врски со ЕУ во некоја форма, рече Мерц.

Поврзани вести