Skip to main content

Мерц: Хамас не смее да има улога во управувањето со Газа, Израел да не ја блокира помошта за Газа

Фото: Printscreen/Guardian News

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека неодамна објавените пропагандни снимки на Хамас, на кои се гледаат израелски заложници во лоша состојба, дополнително потврдуваат дека таа милитантна организација не смее да има никаква улога во идното управување со Појасот Газа.

Во интервју за германскиот весник Билд, Мерц наведе дека снимките на Рам Браславски, германско-израелски државјанин, и Евијатар Давид го згрозиле.

Тој исто така порача дека мора да се дојде до прекин на огнот преку преговори, и дека ослободувањето на заложниците е задолжителен предуслов за тоа.

Во исто време, германскиот канцелар го повика Израел да не одговара на „цинизмот на Хамас“ со прекинување на хуманитарната помош за населението во Газа, предупредувајќи дека експертите на ОН веќе предупредиле на опасност од глад во тој регион.

– Хуманитарната помош не смее да биде запрена, без оглед на постапките на Хамас, нагласи Мерц.

Според последните информации, 50 израелски заложници сè уште се во заробеништво.

Од тој број, 49 лица биле киднапирани за време на терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, додека се верува дека најмалку 20 од нив се сè уште живи, наведува Билд.

Поврзани вести