Skip to main content

Ќерката на Марија Корина Мачадо ја прими Нобеловата награда за мир во име на мајка си

МИА

Ана Корина Соса Мачадо, ќерка на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, денеска ги прими медалот и дипломата од Нобеловата награда за мир за 2025 година во име на нејзината мајка, која сè уште не пристигнала во Осло.

Пред почетокот на церемонијата, на која го прочита говорот во име на нејзината мајка, Ана Корина Мачадо потврди дека се очекува добитничката да пристигне во Осло за само неколку часа, пишува „Гардијан“.

Додека го чекам моментот да ја прегрнам повторно по две години, мислам на другите ќерки и синови кои не ги гледаат своите мајки, рече таа и додаде дека тоа е она што ја води нејзината мајка – желбата да живее во слободна Венецуела.

– Таа никогаш нема да се откаже од таа цел, истакна Ана Корина.

Нобеловиот институт објави аудио снимка од телефонски разговор со Марија Корина Мачадо, во која таа му се заблагодари на Норвешкиот Нобелов комитет и на венецуелскиот народ.

Мачадо е под долгогодишна забрана за патување, наметната од венецуелските власти и се крие повеќе од една година. Иако нејзиното престојувалиште засега не е познато, Норвешкиот Нобелов комитет ја покани да дојде во Осло за да ја прими наградата во присуство на кралот Харалд, кралицата Соња и латиноамериканските лидери, вклучувајќи ги аргентинскиот претседател Хавиер Милеј и еквадорскиот претседател Даниел Нобоа.

Мачадо ја доби Нобеловата награда во октомври за, како што беше наведено, нејзината неуморна работа на промовирање на демократските права на народот на Венецуела и борбата за постигнување мирна и праведна транзиција од диктатура кон демократија.

Поврзани вести