![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2024/12/donald-tramp-1.jpg)
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас треба да биде откажан доколку Хамас не ги ослободи сите преостанати заложници во Газа до сабота напладне.
Хамас во понеделникот објави дека нема да ги ослободи заложниците до дополнително известување поради, како што рече, израелските прекршувања на договорот за прекин на огнот, а потоа најави дека е можно процесот да продолжи според планираното на 15 февруари доколку прекршувањата престанат.
Гласот на Америка известува дека израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјавил дека одлуката на Хамас за заложниците го прекршува примирјето и и наредил на војската да биде на највисока готовност во Газа и да ги брани израелските заедници.
Израелската војска подоцна објави дека нивото на тревога е подигнато и дека се планирани дополнителни сили за одбранбени мисии.
Зборувајќи со новинарите додека потпишуваше серија извршни наредби во Белата куќа, Трамп рече дека одлуката за продолжување на прекинот на огнот на крајот ќе зависи од Израел.
Но, тој предупреди дека „ќе се отворат портите на пеколот“ доколку преостанатите заложници не бидат ослободени, додавајќи дека стравува дека многумина се мртви.
Трамп, исто така, рече дека може да ја прекине помошта за Јордан и Египет доколку одбијат да примат палестински бегалци од Газа.
Палестинската екстремистичка група требаше да ослободи некои заложници во саботата во замена за Палестинците држени во израелските затвори, како што беше случај во претходните три недели.
Портпаролот на военото крило на Хамас, Абу Убаида, сепак, го обвини Израел дека го прекршил договорот со одложување на враќањето на Палестинците во северниот дел на Газа, гранатирање и пукање врз нив и спречување на помошта да влезе во енклавата.