
Катар денеска остро го осуди неодамнешниот израелски напад во Доха, но вети дека ќе ги продолжи своите посреднички напори за ставање крај на војната во Газа меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.
– Суровите практики на Израел нема да не спречат да ги продолжиме нашите искрени напори со Египет и САД за да ја запреме оваа војна“ рече катарскиот премиер Мохамед бин Абдулахраман Ал Тани на средба со високи дипломати од арапските и исламските земји во Доха.
Преговорите за прекин на огнот и договор за ослободување на заложници меѓу Израел и Хамас се запрени веќе месеци.
Израел во вторникот нападна станбена област во Доха таргетирајќи ги лидерите на Хамас, при што загинаа шест лица, вклучително и еден катарски безбедносен службеник.
– Не смее да има молк или попустливост пред оваа варварска агресија, и мораме да преземеме реални и опипливи мерки на сите нивоа, додаде Ал Тани, кој исто така ја извршува функцијата министер за надворешни работи на Катар.
Тој предупреди дека нападот може да ги поткопа преговарачките напори.
Министрите за надворешни работи на Лигата на арапските држави и на 57-члената Организација за исламска соработка (ОИС) денеска се состанаа во Доха на маргините на вонреден самит свикан за да се дискутира за израелскиот напад врз заливската земја.
Министрите разговараат за деталите за самитот закажан за понеделник во Доха.
На самитот ќе се дискутира за нацрт-изјава за израелскиот напад подготвена од министрите за надворешни работи, изјави катарски функционер.
– Собирањето на самитот во овој момент ја рефлектира широка арапска и исламска солидарност со државата Катар во справувањето со кукавичкиот израелски напад, додаде портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маджид ал-Ансари.
На самитот, лидерите ќе разгледаат неколку опции за потенцијални одлуки, вклучувајќи недвосмислено осудување на нападот, координиран дипломатски притисок врз Израел на меѓународни форуми и економски чекори кои можат да достигнат ниво на бојкот, јави катарската новинска агенција ал-Араби ал-Џадид.
Меѓу жртвите во израелскиот напад беше синот на Халил ал-Хаја, највлијателната фигура на Хамас во странство, и неговиот началник на кабинет.
Исламистичката група изјави дека нејзиното високо раководство преживеало обид за атентат.
Нападот предизвика глобална осуда и ретка критика од американскиот претседател Доналд Трамп.