Skip to main content

ИБМ ќе отпушта неколку илјади вработени

Американската технолошка компанија ИБМ најави дека во четвртиот квартал од годината ќе отпушти неколку илјади вработени на глобално ниво.

Во четвртиот квартал спроведуваме акција што ќе влијае на низок едноцифрен процент од нашата глобална работна сила, изјави портпарол на компанијата.

Според најновиот годишен извештај, ИБМ имал околу 270.000 вработени на крајот од 2024 година. Доколку компанијата ја намали својата работна сила само за еден процент, тоа значи 2.700 отпуштања, што укажува дека станува збор за селективно, но сепак значајно адаптирање на трошоците и деловната структура.

ИБМ наведе дека отказите се со цел да се зголеми ефикасноста на компанијата.

На крајот на октомври, ИБМ објави подобри од очекуваните резултати за третиот квартал од 2025 година, со раст на приходите од 10 проценти во сегментот на софтвер, што придонесе за стабилизација на целокупниот бизнис. Сепак, компанијата продолжува да спроведува реорганизации во одредени оддели, вклучувајќи маркетинг и комуникации, каде што намалувањата се случија уште во март 2024 година.

Голем број технолошки компании ги преиспитуваат трошоците и структурата на тимот, честопати обидувајќи се да заменат одредени оперативни функции со алатки базирани на вештачка интелигенција.

Слични одлуки неодамна донесоа и Амазон, кој објави отпуштање на околу 14.000 вработени, како и Мета, чиј оддел за вештачка интелигенција се намалува за околу 600 работни места.

Поврзани вести