
Поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, изјави дека би го номинирала претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир доколку помогне да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина, без Киев да мора да отстапи територии на Москва.
– Искрено, ако може да стави крај на овој ужасен воен конфликт, каде што Путин е агресорот кој изврши инвазија врз соседна земја и се обидува да ги менува границите – ако може да ја заврши војната без Украина да биде ставена во позиција да отстапува територија и со тоа да ја потврди визијата на Путин за ‘голема Русија’, туку напротив, навистина да му се спротивстави, што досега не сме го виделе, но можеби сега постои шанса – тогаш би го номинирала, изјави Клинтон во поткаст, во пресрет на средбата меѓу Трамп и Путин на Алјаска.
Таа додаде дека условите за мировен договор мора да вклучуваат прекин на огнот без територијални компромиси и постепено повлекување на руските трупи од окупираните територии.
– Ако тоа може да се постигне, а претседателот Трамп да биде архитект на процесот, би го номинирала за Нобелова награда за мир, бидејќи целта е да не се дозволи капитулација пред Путин, со помош и поддршка на САД. Тоа би бил ужасен преседан, нагласи поранешната државна секретарка.
– Сакам да верувам дека, од која било причина, вклучувајќи ја и Нобеловата награда за мир, претседателот Трамп би можел вистински да застане да му се спротивстави на Путин – не само во името на Украина, нејзината демократија и нејзиниот храбар народ, туку и во името на нашата сопствена безбедност и интереси, додаде Клинтон.
На ваквите изјави, Трамп одговори дека тоа е „многу убаво“ од неа, додавајќи: Можеби повторно ќе морам да почнам да ја сакам.