
Градинари даваат отказ од работа во градините на британскиот крал Чарлс Трети во кралската резиденција „Хајгроув“, пренесе ДПА.
Градинарите се жалат на ниските плати и високите барања на монархот.
Градините се наоѓаат во грофовството Глостершир. Од 2022 година, 11 од 12 градинари ja напуштиле работата. Чарлс Трети редовно ги посетува градините и откако ќе се прошета и ќе ги провери, им дава инструкции на персоналот што да прават во нив пред неговата следна посета.
Тој бил разочаран кога некои од неговите наредби не биле извршени како што побарал. Така на пример, градинарите не можеле да одгледуваат делфиниуми, род од повеќегодишни цветни растенија, и тоа многу го разочарало. Градинарите во „Хајгроув“ се жалеле на лошите услови за работа, вклучително и ниските плати, кои се блиску до минималната плата во земјата.
Според информации во британските медиуми, Чарлс Трети бил информиран дека сега во градините имаат недостиг на персонал и предложил да се ангажираат бегалци од Украина за да помагаат таму.