
Четворица американски војници се водат како исчезнати за време на воена вежба на НАТО во Литванија, а постои стравување дека загинале, јавуваат локалните медиуми. Војниците исчезнале со оклопно возило во близина на границата со Белорусија, сојузник на Русија, по што литванските и сојузничките сили започнале обемна потрага.
Според порталот „Делфи“, телата на војниците веќе се пронајдени, но официјална потврда сè уште нема.
Портпаролот на литванската армија, мајорот Гинтаутас Чиунис, изјави дека можното место на инцидентот е лоцирано и дека акцијата за пребарување и спасување е во тек.
Американската амбасада во Литванија потврди на социјалните мрежи дека војниците исчезнале на воениот полигон „Генерал Силвестрас Жукаускас“, во близина на Пабраде, во источна Литванија. Не е објавено точно кога исчезнале.
Војниците, сите припадници на 1. бригада на 3. пешадиска дивизија, учествуваа во редовна тактичка обука во моментот на инцидентот. Во тек се напори за нивно пронаоѓање, соопшти американската армија.
Литванските власти вчера добиле информации за исчезнувањето на војниците и нивното оклопно возило. Во потрагата учествуваат хеликоптери од литванските воздухопловни сили и Државната гранична служба.
Претседателот на литванскиот Одбор за национална безбедност и одбрана, Гиедримас Јеглинскас, истакна дека иако вакви инциденти може да се случат за време на големи воени вежби, од нив се извлекуваат важни лекции за подобрување на безбедносните стандарди.
Литванија е клучна членка на НАТО поради својата географска близина со Русија, а односите со Москва дополнително се заострија по руската инвазија врз Украина.