На можните преговори со Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин ќе бара НАТО да се повлече од границите со Русија до позициите што воената алијанса ги имала во 1997 година, објавува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на анонимни извори од Кремљ.
Весникот додава дека Путин, исто така, ќе бара гаранции дека Украина никогаш нема да стане членка на Северноатлантската воена алијанса, како и да се официјализираат регионите на Украина коишто на референдум се припоија кон Русија – Луганск, Доњецк, Запорожје, Херсон и Крим – како дел од Русија, и покрај тоа што делови од овие области сè уште се под контрола на властите во Киев.
Изданието наведува дека ниту во Москва, ниту во тимот на Трамп сè уште не е извесно кога би можела да се одржи средбата меѓу новоизбраниот претседател на САД и Путин. Од Москва испраќаат сигнали дека волја за таква средба постои. Трамп пред изборите изјави дека решавањето на украинското прашање би му одзело 24 часа, но неодамна неговиот советник Кит Келог спомена период од сто дена а почеток на разговорите. Новиот американски лидер исто така посочи дека преговорите со рускиот претседател би можеле да се случат во рок од шест месеци по неговата инаугурација на 20 јануари.
Според весникот, тимот на избраниот американски претседател сè уште нема донесено одлука каков пристап ќе има кон овие преговори, а роковите за завршување на конфликтот можат да се поместат најмногу до шест месеци.
Путин сака да ги неутрализира заканите за Русија. Тој е многу загрижен за тоа како би изгледал светот по завршувањето на војната, вели изворот.
Овие барања на рускиот лидер доаѓаат во контекст на изјавите на Трамп за можноста САД да го намалат финансирањето на НАТО или дури и целосно да се повлечат од Алијансата.
Светот се менува, сè може да се случи, вели соговорникот за „Фајненшл тајмс“.