Skip to main content

ЕУ воведува нови правила за правата на патниците во сите видови превоз

Претставниците на Советот на Европската Унија и Европскиот парламент постигнаа договор за нови правила со кои треба да се зајакнат правата на патниците во сите видови превоз и да се овозможи побрзо и поефикасно решавање на поплаките.

Договорот следува по неодамнешното усогласување на правилата за правата на патниците во воздушниот сообраќај, а сега се опфатени сите видови превоз.

„Правата на патниците имаат смисла само доколку можат ефикасно да се спроведуваат. Денешниот договор претставува важен чекор кон потранспарентна, поконзистентна и попристапна рамка за патниците низ целата Европска Унија“, изјави кипарскиот министер за транспорт и комуникации, Алексис Вафеадес.

Новите правила треба да им овозможат на патниците полесно да добиваат информации, помош и надомест на штета, како и да ја подобрат заштитата на лицата со попреченост и лицата со намалена подвижност.

Со договорот се воведуваат и појасни правила за враќање на средствата при купување авионски билети преку посредници, како што се туристичките агенции и интернет-платформите за резервации.

Посредниците ќе бидат должни уште при резервирањето јасно да ги информираат патниците за условите за поврат на средствата, додека авиокомпаниите ќе мора јавно да објават дали соработуваат со посредници во обработката на барањата за поврат на пари.

Според новите правила, патниците кои имаат право на поврат на средства треба да ги добијат парите во рок од седум дена. Доколку посредникот претходно ја извршил уплатата кон превозникот од сопствени средства, рокот за поврат е 14 дена.

Дополнително, се воведуваат стандардизирани обрасци за барање надомест и поврат на трошоци, а патниците ќе имаат право на јасна, достапна и ефикасна постапка за поднесување поплаки.

Новите правила предвидуваат и поголема заштита за лицата со попреченост. Доколку авиокомпанијата побара патникот да патува со придружник од безбедносни причини, а не може да му обезбеди соодветна помош, придружникот ќе може да патува бесплатно.

Постигнатиот договор сега треба да биде формално одобрен од Советот на Европската Унија и Европскиот парламент, по што новите правила ќе стапат во сила. објави Скопје1.мк

Поврзани вести