Ахмад ал Шара, порано Абу Мохамед ал Голани, еволуираше од лидер на разгранок на Ал каеда во ребрендирана фигура што промовира плурализам додека сириските бунтовници го соборуваа Асад. И покрај неговите обиди за умереност, остануваат сомнежите за неговите демократски намери, пишува Еуроњуз.
Џихадист и екстремист? Или ново лице на модерна и толерантна Сирија?
Абу Мохамед ал Голани, милитантниот водач чиј бунт го собори претседателот Башар Асад, долго време спроведува политичка и воена агенда.
Тој многупати го менуваше својот политички став за да добие поддршка и понекогаш им пркосеше на наредбите за елиминирање на ривалите.
Сега, тој работи напорно за да ги преосмисли односите со Сирија и својот јавен имиџ, откако се откажа од врските со Ал каеда и се прикажа себеси како поборник за плурализмот и толеранцијата.
Неодамна, бунтовниците го отфрлија неговото воено име и почнаа да го нарекуваат со неговото вистинско име, Ахмад ал Шара. Сепак, степенот на неговата трансформација од џихадски екстремист во потенцијален државотворник сега е ставен на тест.
Со оглед на тоа што Асад се крие, а бунтовниците го контролираат главниот град Дамаск, останува неизвесно како ќе се управува со Сирија.
Во Сирија живеат повеќе етнички и верски заедници, често поделени од режимот на Асад и долгогодишниот конфликт. Многумина стравуваат од подемот на сунитските исламистички екстремисти. Земјата е исто така расцепкана меѓу различни вооружени фракции, со вклучени странски сили како Русија, Иран, САД и Израел, секоја со свои интереси.
42-годишниот Ал Голани, означен како терорист од САД, се нема појавено во јавноста откако Дамаск падна рано во неделата. Сепак, тој и неговата бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), од која голем број борци се џихадисти, сега се стремат да стекнат голема улога.
Со години, Ал Голани маневрираше во рамките на екстремистичките организации, елиминирајќи ги ривалите и поранешните сојузници. Тој ги уверуваше верските и етничките малцинства во Сирија, создавајќи врски со различни племиња и други групи.
Попат, Ал Голани го отфрли својот идентитет како тврдокорен исламистички герилец, облекувајќи костуми за интервјуата за медиумите. Зборуваше за градење државни институции и децентрализација на моќта за подобро да се одрази различноста на Сирија.
„Сирија заслужува систем на управување што е институционален, а не систем во кој еден владетел донесува произволни одлуки“, рече тој во интервју за Си-ен-ен минатата недела, навестувајќи можност ХТС да биде распуштен по падот на Асад.
Како ги прекина врските со Ал каеда?
Врските на Ал Голани со Ал каеда датираат уште од 2003 година, кога тој им се придружи на екстремистите што се бореа против американските војници во Ирак.
Сириецот бил приведен од американската војска, но останал во Ирак. За тоа време, Ал каеда ги присвои истомисленичките групи и ја формираше екстремистичката Исламска држава Ирак, предводена од Абу Бакр ал-Багдади.
Во 2011 година, кога народниот бунт против Асад предизвика брутална владина репресија и доведе до сеопшта војна, Ал Багдади го испрати Ал Голани во Сирија за да формира разгранок на Ал каеда наречен „Нусра фронт“.
САД ја означија новата група како терористичка организација и таа ознака сè уште останува во сила. Вашингтон, исто така, распиша награда од 10 милиони долари за неговата глава.
Се бореше со ИСИС во регионот
Како што граѓанската војна во Сирија се разжестуваше во 2013 година, така се зголемуваа и амбициите на Ал Голани. Тој им пркосеше на повиците на Ал Багдади за распуштање на Нусра фронт и негово спојување со операцијата на Ал каеда во Ирак за формирање на Исламска држава на Ирак и Сирија, или ИСИС.
Сепак, Ал Голани ѝ вети верност на Ал каеда, која подоцна се огради од ИСИС. Нусра фронт се бореше со ИСИС и елиминира голем дел од конкуренцијата меѓу сириските вооружени пртивници на Асад.
Исламскиот закон без толеранција
Во своето прво интервју во 2014 година, Ал Голани рече дека неговата цел е Сирија да биде владеена според исламскиот закон и јасно стави до знаење дека нема простор за алавитските, шиитските, друзите и христијанските малцинства во земјата.
Во 2016 година, Ал Голани за прв пат ѝ го откри своето лице на јавноста во видеопорака во која објави дека неговата група се преименува во „Џабхат Фатех ал-Шам“ – Фронт за освојување на Сирија – и ги прекинува врските со Ал каеда.
„Оваа нова организација нема поврзаност со ниеден надворешен субјект“, рече тој во видеото, облечен во војничка облека и турбан.
ХТС подоцна се судри со независните исламистички милитанти, дополнително охрабрувајќи ги Ал Голани и неговата група како водечка сила во северозападна Сирија, способна да владее со железна тупаница.
Од Ал Голани до Ал Шара
Откако ја консолидира својата моќ, Ал Голани започна трансформација што малкумина можеа да ја замислат. Заменувајќи ја својата војничка облека со кошула и панталони, тој почна да повикува на верска толеранција и плурализам.
Тој апелираше до заедницата на друзите во Идлиб, која Нусра фронт претходно ја напаѓаше, и ги посети семејствата на Курдите што беа убиени од милициите поддржани од Турција.
Во 2021 година, Ал Голани го даде своето прво интервју со американски новинар на Пи-би-ес. Облечен во блејзер, со коса залижана наназад со гел, сега благоречивиот лидер на ХТС рече дека неговата група не претставува закана за Западот и дека санкциите наметнати против него се неправедни.
Па, кој ќе биде новиот лидер на Сиријците? Абу Мохамед ал Голани, со неговата цврста посветеност на Исламска држава, или Ахмад ал-Шара, со мекиот пристап што ги ублажува различните фракции на општеството во кое е можна демократија со децентрализирано управување?, прашува Еуроњуз.