
Експертски панел на Европската Унија препорача ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца под 13 години низ целата Унија, велејќи дека употребата треба да биде дозволена само под родителски надзор или за образовни цели, јавува ДПА.
Барањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше откриено денеска во Брисел, додека владите ширум светот дебатираат за тоа како најдобро да ги заштитат децата и тинејџерите на интернет откако Австралија одлучи да ја забрани употребата на социјалните мрежи од страна на лицата под 16 години на крајот од 2025 година.
Експертите препорачаа децата под две години воопшто да не користат социјални мрежи.
Од 13-годишна возраст, тинејџерите постепено треба да добијат понезависен пристап до социјалните мрежи соодветни на возраста, рече Јерг Фегерт, коавтор на извештајот и медицински директор на Одделот за детска и адолесцентна психијатрија во Универзитетската болница во Улм.
Неколку земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Шпанија, Грција, Германија и Австрија, имаат намера да воведат законска забрана за користење на социјалните мрежи за малолетници до одредена возраст.
Но, секој обид за воведување ограничувања на возраста на платформи како ТикТок, Инстаграм и Снапчет веројатно ќе бара акција на ниво на ЕУ, бидејќи Европската комисија е задолжена за спроведување на правилата за големите интернет платформи во рамките на Унијата, а националните закони мора да бидат усогласени со европското законодавство.
Во извештајот, експертите препорачаа земјите-членки да можат да пропишат повисока возрасна граница од онаа што би се применувала на ниво на целата Европска Унија.
Фон дер Лајен во последните месеци постојано изразуваше загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз децата, посочувајќи ја забраната на Австралија за социјалните медиуми за лица под 16 години како можен пример.
Таа денеска изјави дека треба да се разгледа постепен пристап за различни возрасни групи и најави дека Брисел ќе презентира законски предлог по летото.
Според Европскиот закон за дигитални услуги (DSA), големите социјални мрежи веќе се законски обврзани да преземат мерки за заштита на малолетниците на интернет.
Многу платформи веќе имаат минимална возрасна граница од 13 години за да се усогласат со европските правила за заштита на податоците, но експертите веруваат дека постојните регулативи мора да се спроведуваат поконзистентно и поефикасно.
Европската комисија минатата недела откри дека Мета, сопственикот на Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, го прекршила Законот за дигитални услуги поради дизајнот на своите платформи и штетните последици што таквиот дизајн ги има за корисниците, вклучително и малолетниците.(МИА)

Македонски



