Skip to main content

Хрватска го закочи патот на Црна Гора кон ЕУ: Загреб бара решение за спорните прашања пред членството

Хрватска испрати јасна порака до Подгорица дека решавањето на отворените прашања меѓу двете земји е неопходен услов за Црна Гора успешно да ги заврши преговорите за пристапување во Европската Унија. Хрватското Министерство за надворешни и европски работи соопшти дека очекува напредок во неколку чувствителни теми, предупредувајќи дека добрососедските односи се еден од клучните политички критериуми во процесот на проширување на ЕУ.

Mеѓу прашањата што Хрватска бара да бидат решени се: обештетување на поранешните затвореници од логорите, продолжување на потрагата по 14 исчезнати лица од периодот на Војната за независност, процесирање на одговорните за воени злосторства, решавање на имотните барања на хрватските семејства во Црна Гора, зачувување на спомен-плочата на местото на поранешниот логор Морин, продолжување на разговорите за поморската граница и враќање на бродот за обука „Јадран“.

„Остануваат само неколку месеци до крајот на 2026 година, па уште еднаш ја повикуваме црногорската страна да се вклучи во конструктивен дијалог и да ја забрза работата на отворените прашања“, наведоа од хрватското Министерство.

Црна Гора во моментов се смета за најнапредна земја кандидат за членство во ЕУ. Подгоричкиот официјален став е дека земјата би можела да стане полноправна членка на Унијата во 2028 година.

Досега Црна Гора има привремено затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја, а Европската Унија веќе даде зелено светло за подготовка на нацрт-договорот за пристапување, што претставува последна фаза од преговорите. Европската комисија усвои и финансиска рамка за Црна Гора вредна речиси 3,2 милијарди евра, базирана на очекувањето дека земјата може да стане членка на ЕУ во 2028 година.

Хрватска нагласува дека не сака билатералните прашања да станат трајна пречка, но бара тие да бидат решени пред завршувањето на пристапниот процес. „Европската Унија е јасна дека не може и не сака да воведува билатерални спорови во процесот на проширување“, порача Загреб, додавајќи дека токму затоа спорните прашања треба итно да се надминат.

Ставот на Хрватска доаѓа во чувствителен момент за Црна Гора, која се надева дека ќе стане првата нова членка на ЕУ од Западен Балкан по приемот на Хрватска во 2013 година.

Поврзани вести