
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, остро ги демантираше гласините кои се шират по социјалните мрежи и затворените родителски групи за наводна загрозеност и присуство на бактерии во скопскиот водовод, оценувајќи ги како организиран обид за предизвикување паника и хистерија кај граѓаните.
Ѓорѓиевски нагласи дека водата во Скопје е целосно исправна за пиење и дека сите анализи потврдуваат нејзин висок квалитет и безбедност.
Градоначалникот посочи дека станува збор за смислено ширење дезинформации кое започнало со шпекулации за депонијата во близина на изворот, а потоа продолжило низ социјалните мрежи:
Уште од вчера имав информации дека од одредени центри ќе се шири паника дека наводно е присутна одредена бактерија во водата. Прво започнаа приказни дека има опасност изворот да се загрози поради депонија која е присутна таму 30 години. Откако вчера го разбив тој меур од сапуница, почна да се шири паника по групи во градинки, училишта и Фејсбук групи. Се шири дека ‘некоја госпоѓа дознала од пријателката’ дека имало бактерија. Водата во Скопје е меѓу најбезбедните во Европа. Јас не сум монструм да дозволам животот на моите сограѓани да биде загрозен.“
Ѓорѓиевски најави дека сите профили и извори кои учествуваат во ширењето на лажните вести ќе бидат сублимирани и предадени на Министерството за внатрешни работи (МВР) за соодветно постапување.
Градоначалникот вели дека уште вчера до него стигнала информација дека од „одредени центри“ ќе се ширела паника за наводна бактерија во водата.
Политички разбирам да има одредени инсинуации и обиди да се нанесе политичка штета, но со ваква работа да се игра и да доведуваат во паника, е недозволиво … Јас имам повеќе од 200 пораки на вознемирени сограѓани. Ова не е политика, за ова ќе има жесток напад од наша страна, толеранција и попусти нема да има“, рече Ѓорѓиевски.
На прашање од новинарите дали го нашле изворот на дезинформацијата, Ѓорѓиевски одговори дека од синоќа по полноќ „детектирале една госпоѓа“ која ваквата порака ја раширила во 3о-тина групи онлајн. Не даде повеќе детали, освен дека е симпатизер или активист на една опозициска партија.
За оваа работа не можам да тврдам ништо, освен дека политички мотивирани се сите овие напади за хистерија … Може да се прашате и која политичка партија ја ширеше паниката за депонија кај изворот Рашче …“, кажа Ѓорѓиевски на прес-конференцијата попладнево во Град Скопје.

Македонски


