
Зошто се прогласи (локална) епидемија во Скопје, пишува на социјалните мрежи, Златко Арсениевски, доктор во Центарот за јавно здравје.
Кога ќе се појави заразна болест, здравствениот систем ја регистрира преку преглед во склоп на истиот тој систем, кај матичниот лекар или друга здравствена установа.
Со тек на време бројот на одредена заразна болест може да се зголеми или намали. Таквото следење на неделно, месечно и годишно ниво создава слика какво е присуството на таа заразна болест во хуманата популација.
Западно-нилска треска е вектор-трансмисивна болест т.е. човек може да се зарази преку убод од комарец (вектор) кој е носител на “West Nile” вирусот.
Во текот на 2025 година, бројот на заболени од оваа болест изнесуваше 2 (два) случаи.
Од почетокот на Јули годинава до денес на подрачјето од населените места во град Скопје се регистрирани 25 случаи, за жал сите во невроинвазивна тешка форма која се појавува кај 1 случај на 150 до 300 инфицирани или заразени со овој вирус по убод од инфициран комарец.
Кога би ги споредиле претходната сезона со оваа, зголемувањето на случаите е повеќе од 12 пати. Во епидемиолошкото следење тоа де факто значи дека се случува епидемија, без разлика дали е официјално прогласена или не.
Бројката на заразени со тешка форма и епидемиолошката проценка за времето и локализација на случаите дефинитивно укажува на епидемиолошки настан во кој има интензивно ширење на вирусот во подрачјата на југоисточниот дел од Скопје (населени места Драчево, Гази Баба, Илинден…).
Клучен збор овде е – вирусот!
Не секој убод е опасен.
Не секој комарец е инфициран.
На крај… за институционалниот и правно формалниот дел од прогласување епидемија, и зошто таквиот чекор не треба да создаде паника кај населението туку да поттикне будност и поголем фокус во справување со идните случаи.
Прогласената епидемија е само пополнет образец во кој се дефинираат сите важни факти, кога е забележан растот на случаи, во кои населби, колку е бројот и кои мерки ќе следат.
Прогласувањето на епидемија ќе засили координација на мерките, надлежностите, повеќе ресурси, поголем надзор и дополнителни механизми.
Зошто нема простор за паника?
Комарците се еден од најопасните преносители на заразни болести.
Тука се милиони години, тука и ќе останат. Сакале ние или не, борбата против нивното ширење е континуирана, а причинителите кои се шират со комарците ќе се присутни и понатаму. Паника не помага. Свесноста помага. Сите сме засегнати. Комарците се насекаде, а веројатноста за пренос на вирусот е можна во сите правци од нашиот простор во кој живееме.
Што да направи секој од нас?
- Отстранете ги сите предмети каде може да стои застоена вода.
- Користете репеленти (Аутан), особено во периодот на самрак и зори. Ова е од исклучително значење за најзасегната група на лица над 60 год каде оваа болест може да се искомплицира.
- Поставете мрежи на прозорите и вратите.
- Носете облека со долги ракави и ногавици ако мора да се движите во периоди кога се најактивни комарците.

Македонски


