
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје попладнево најостро ги демантираше информациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење во Скопје. Направени се дополнителни анализи и водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба. Јавното претпријатие најави дека ќе поднесе соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи за субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.
Во врска со шпекулациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење од водоснабдителниот систем во градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја информира јавноста дека истата е комплетно неточна и најостро ја демантираме истата, се посочува во соопштението што Јавното претпријатие го објави на Фејсбук.
Оттаму наласуваат дека покрај редовните секојдневни испитувања на квалитетот и безбедноста на водата за пиење, дополнително се извршени и испитувања на земени примероци од водата.
Резултатите од дополнителните анализи не потврдуваат присуство на испитуваните микроорганизми. Испитуваните примероци ги задоволуваат пропишаните критериуми согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). Во испитуваниот примерок кој е вонредно земен и анализиран со брза PCR техника во тек на вчерашниот ден, 11.08.2026 година, не е детектирано присуство на геномски копии од колиформи бактерии, ниту од Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa – се наведува во информацијата.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како што се потенцира, континуирано го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење преку редовен, секојдневен мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025.
Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста – посочуваат од скопски водовод.
ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост. Водата од водоснабдителниот систем во градот Скопје, како што велат, е безбедна и исправна за пиење и употреба.

Македонски


