Skip to main content

ЕК најави над 1,7 милијарди евра за обнова по поплавите во Валенсија и ураганите на Мејот и Реунион

Freepik

Европската комисија денеска најави помош од речиси 1,6 милијарди евра за обнова на подрачјата во шпанскиот регион Валенсија кои беа погодени од разорни поплави лани во октомври, како и над 110 милиони евра за поддршка на закрепнувањето на француските територии во Индискиот Океан, Мејот и Реунион, кои беа зафатени од урагани во декември 2024, односно во февруари годинава.

Како што соопшти Европската комисија, на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ им предложила за справување со последиците од поплавите на Шпанија да и биде исплатена помош од 945 милиони евра од Фондот за солидарност на ЕУ (ЕУСФ), како и дополнителни 645 милиони евра од фондовите за кохезивна политика.

Овие суми ќе се надоврзат на авансно исплатената помош за Шпанија од 100 милиони евра во април годинава, наменети за започнување на операциите за опоравување од поплавите.

Комисијата, исто така, предложи од ЕУСФ да бидат исплатени и 110,8 милиони евра за закрепнување и обнова по ударот на ураганите на Мејот и Реунион. Од вкупната сума, 89,6 милиони евра се предвидени за Мејот, а 21,2 милиони евра за Реунион.

Претходно, Мејот доби помош од 24 милиони евра, а Реунион од пет милиони.

Во октомври 2024 година регионот на Валенсија беше зафатен од поројни дождови, кои предизвикаа големи поплави при што загинаа над 230 лица и беше предизвикаа сериозна штета на повеќе домови, училишта, болници, компании, како и на транспортната инфраструктура.

Лани во декември Мејот беше погоден од ураганот „Чидо“, а два месеци подоцна Реунион се најде на удар на ураганот „Гаранс“, при што загинаа неколку лица и беа предизвикани оштетувања на електроенергетската и водоводната мрежа и на голем дел од инфраструктурата на двата острови.

Предлозите за исплата на помошта сега треба да бидат одобрени од Европскиот парламент и Советот на ЕУ и откако тоа ќе се случи Комисијата ќе донесе соодветни одлуки за доделување на средствата.

Поврзани вести