
Пет месеци откако лидерот на Хезболах Хасан Насралах беше убиен во израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут, десетици илјади луѓе се собраа рано утринава во главниот град на Либан за да присуствуваат на неговиот погреб.
Насралах беше убиен во израелски воздушен напад во кој беа фрлени повеќе од 80 бомби врз главниот оперативен штаб на либанската милитантна група.
Насралах е еден од основачите на Хезболах, кој го водеше движеето повеќе од 30 години и успеа да го направи моќна воена сила на Блискиот Исток, поради што неговата смрт претставува голема загуба за оваа проиранска организација.
Погребот на Насралах и на неговиот наследник Хашем Сафиедин треба да се одржи на градскиот стадион Камил Шамун на периферијата на главниот град, каде што се поставени огромни плакати на двајцата, јави Тајмс оф Израел.
Стадионот има капацитет од околу 50.000 луѓе, но организаторите на Хезболах поставија илјадници дополнителни седишта на теренот и многу други надвор, каде што присутните ќе можат да ја следат церемонијата на огромен екран.
На погребот говор ќе одржи актуелниот лидер на Хезболах, Наим Касем.