Skip to main content

Цените на нафтата повторно растат по неуспехот на разговорите меѓу Иран и САД

Цените на нафтата продолжија со растот на почетокот на неделава, откако пропаднаа мировните разговори меѓу Иран и САД.

Цената на еден барел (159 литри) од северноморската нафта „брент“ за испорака во јули порасна за нешто повеќе од четири отсто и во раното тргување денеска достигна 105,76 долари.

Цената на нафтата почна да расте уште кон крајот на минатата недела, откако во четвртокот падна на 96 долари поради надежите за дипломатско решение на конфликтот на Блискиот Исток.

Сепак, обидите на Вашингтон и на Техеран за намалување на тензиите во Ормуската Теснина и во регионот досега покажуваат мал напредок.

Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша последниот одговор на Иран на американскиот предлог за ставање крај на конфликтот како „целосно неприфатлив“ и упати нови закани кон Техеран.

Иран го отфрли американскиот предлог, а државните медиуми во земјата го претставија како фактичко барање за капитулација на Техеран.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека војната ќе продолжи сè додека не бидат решени клучните прашања поврзани со иранската нуклеарна програма.(МИА)

Поврзани вести